Раководството на Кошаркарската федерација на Македонија одржа денеска состанок со членовите на Здружението на прволигаши кои имаат стекнато право за учество во Прва сениорска лига за сезона 2019/2020.

На состанокот на чиј дневен ред имаше неколку точки, се разговараше за финансиските долгови на клубовите, на кои им беа доставени финансиски известувања со детален опис на нивните долгови. По неколку корекции, донесена е едногласна одлука, сите клубови мора да ги намират доспеаните долгови најдоцна до 30. септември 2019 година.

Во однос на котизацијата за учество во Првата лига за сезона 2019/2020 одлучено е таа да изнесува 8.000 евра, а сумата ќе се исплаќа на осум еднакви рати по 1.000 евра до 15. во секој тековен месец започнувајќи од 15. октомври 2019 година.

Првата машка сениорска лига за сезона 2019/2020 ќе брои 12 клуба, а покрај екипите кои стекнаа право за учество во Првата лига, беше испратен допис до екипите на КК Ангели, КК Карпош Соколи и до КК Шкупи за интерес за учество.

Претседателот на КФСМ, Перо Антиќ, ги извести клубовите присутни на состанокот дека секој клуб-прволигаш ќе добие по десет Т-1000 Spalding топки од КФСМ, а ждребката за натпреварувачките броеви за претстојната сезона ќе се одржи на 11.09.2019.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/08/2019 00:53