„Борба и страдање – полските граѓани за време на Втората светска војна“ е насловена изложбата организирана од Амбасадата на Република Полска во Скопје, која вечер од 19 часот ќе биде отворена во Музејот на македонската борба.
Изложбата е подготвена од Министерство за надворешни работи на Полска и Музејот на Втората светска војна од Гдањск. Со неа се одбележуваат 80 години од избувнувањето на војната која почнала на 1 септември 1939 година со нападот на нацистичка Германија врз Полска.
Во најавата за изложбата Полската амбасада наведува дека овој најголем оружен конфликт во историјата донесе огромни човечки и материјални загуби, но имаше и големо влијание врз политичките и територијалните промени во Европа по 1945 година.
– Нашата изложба ја раскажува историјата на полската борба против тоталитарниот режим, копнежот по слобода и хероизмот да се спасат други, храброста на војниците и обичните луѓе, заедничка борба против непријателот и борбата за слобода на другите земји – сето ова го заслужува нашето сеќавање, соопшти Амбасадата на Полска, која известува и дека на отворањето ќе присуствува и ќе се обрати претседателот Стево Пендаровски.