Најновите археолошки истражувања го потврдуваат Трескавец како милениумско духовно светилиште и живеалишен комплекс со стратешко значење, констатираат од Институтот за старословенска култура од Прилеп кој ги заокружи годинашниве археолошки истражувања за античката населба Колобаиса на Трескавец. Воедно, Институтот, преку проект на Министерството за култура за првпат направи виртуелна прошетка на Трескавец која секој заинтересиран може да ја види на веб страницата на Институтот.
-Нашите археолошки истражувања се, на некој начин, продолжување на она што се прави во континуитет веќе една и пол деценија, во однос на откривањето на оние постари слоеви за егзистенцијата на овој простор кој во средниот век добива манастирска функција преку манастирот Трескавец. Овие истражувања се за да се заокружат претходните. Всушност, се дефинира целокупниот обем на античката населба и претставуваат основа за понатамошни, детални истражувања. Со самото откривање на овие постари слоеви на живот кој овде егзистирал уште од антиката, се покажува оној континуитет што го има користењето на просторот веќе два и пол милениума. И во духовна и во живеалишна функција, вели Александар Василески, директор на Институт за старословенска култура од Прилеп.
Досега се откриени делови од некогашниот централен дел од античката населба Колобаиса во кој подоцна е адаптиран и изграден манастирот Трескавец. Откриени се и делови од влезната партија на населбата, станбени објекти и со овие истражувања, генерално, се дефинирани сите карактеристики кои ги имала римската и доцнаантичката населба, додека со истражувањата во внатрешноста на манастирскиот комплекс, се дефинирани некои од пораните фази од егзистенцијата на Манастирот, почнувајќи од 12,13 и 14 век.
Христијан Талевски од Институт за старословенска култура објаснува дека проектот за виртуелната прошетка на комплексот Трескавец, светски заштитено културно наследство, е со идеја да се обезбедат релевантни информации и да се комуницира на соодветен начин со пошироката јавност. Тоа е голема туристичка актрактивност.
-Виртуелната тура има за цел да се допре до повеќе категории посетители. Една од целите е и да се подигне нивото на свест за значењето на остатоците од минати човечки активности. Виртуелната прошетка е слободно достапна за секого. Преку интернетот и притискањето на копчињата, се доаѓа до различни позиции на целиот комплекс Трескавец, вели Талевски.
Трескавец е возобновен по пожарот од 2013 година. Останува да се доизгради водоводот за што локалните власти најавуваат дека за брзо ќе биде завршен проектот. Инаку во тек е проект за заштита на манастрирската црква „Успение на Превета Богородица“ каде прво треба да се реши најголемиот проблем кој може да направи неповратна штета – влагата која може да ги уништои фреските