Драмски театар-Скопје в сабота од 20 часот на малата сцена премиерно ќе ја изведе камерната претстава „Чудесна терапија“ по текст на австрискиот автор Даниел Глатауер и во режија на Димче Николовски.
Осумдесетминутната претстава со тројца актери (Соња Стамболџиоска во ликот на психотерапевт и Маја Вељковиќ-Пановска и Предраг Павловски – во улога на брачна двојка) раскажува за многу нарушена комуникација и недоразбирање меѓу маж и жена. Тие одат на брачно советување – терапија која добива чудесни размери.
Режисерот Николовски на прес-конференција денеска рече дека процесот на подготовка бил долг и напорен и е задоволен од крајниот резултат и од соработката со екипата.
-Тоа е претстава за комуникацијата, поточно за недостигот на комуникација меѓу луѓето. Тој проблем е корен на многу војни, вистински војни, а денес тој проблем многу нè допира со напредната технологија и оддалечувањето на луѓето. Претставата се занимава со потребата од чиста и искрена комуникација како предуслов за една среќна врска…, рече Николовски.
Драматургот Александра Бошковска дополни дека претставата се занимава и со психотерапијата т.е. советувањето на паровите – колку е тоа автентично, а колку е само игра и манипулација. Жанровски претставата е блиску до комедија.
-Се занимава со сериозни проблеми, а кога на сериозни проблеми луѓето реагираат вообичаено глупаво, комичниот ефект е неминовен, иако ние не инсистиравме да биде комедија, рече Бошковска.
Авторот на текстот, Даниел Глатауер (1960), е австриски писател и поранешен новинар, најпознат по епистоларниот роман „Виртуелна љубов“. Книжевните дела му се преведени на 40-ина јазици, а некои од нив се адаптирани за театар и за радио и ТВ-драми и надвор од германското јазично подрачје.
Претставата „Чудесна терапија“ во целост е подготвена со средства донирани од приватно лице.