Блуз и соул фестивалот вечер ќе заврши со два концерта во „Станица 26“ од 21 часот – ќе настапи „Török Fehér Duó” од Унгарија, а потоа македонскиот блуз-рок бенд „The Mole Pack”.
Во унгарското дуо членуваат познатиот рок-флејтист Адам Терек и младиот гитарист Адам Фехер. Адам Терек е и пејач, композитор, продуцент и основач на рок и блуз-бендот „The Mini”. На сцената е од крајот на 1960-тите и се смета за „татко на прогресивниот рок во Унгарија“. Со Ади соработува од 2015 година кога го поканил да му се придружи на концерт на „The Mini“. Младиот гитарист тогаш наполнил 10 години и поканата од рок-иконата за него била прекрасен и храбар гест. Од тогаш до крајот на 2018-та заедно свиреле на повеќе од 50 концерти.
– Ади Фехер стана голем фан на Адам Терек и почна сам да учи како да ги свири познатите класици на „The Mini“. Откако успешно соработуваше со младиот Ади како музички гостин во текот на годините, Терек реши да оформи дуо со него. „The Török Fehér Duo“ беше пријатно изненадување и постигна голем успех во Унгарија и на меѓународен план. Нивната музика е заснована на рок и блуз, при што ги интерпретираат на нивни оригинален начин класичните рок и блуз мелодии, како и одредени балади на „The Mini“, наведува Дирекцијата за култура и уметност на Скопје – организатор на Блуз и соул фестивалот.
На втората и последна вечер од годинашниот „Блуз и соул“ ќе наастапи и шестчлениот македонски блуз-рок бенд „The Mole Pack”, основан од група на пријатели, под влијание на прогресивната блуз-рок-сцена од 1960-тите години.
Својот прв студиски албум „Gambling Man” бендот го објави минатото лето, а во мометов работи на вториот авторски албум.
Во „The Mole Pack” членуваат: Димитар Даневски – ритам и главна гитара; Глигор Динев – тапани и перкусија; Теодор Бошков – бас гитара; Александар Ѓорѓиески – вокал и усна хармоника; Златко Андријевски – гитара и Влатко Сапламаев – клавијатура.
На дводневниот Блуз и соул фестивал гостуваа и американско-италијанскиот „Leon Hendrix & Fulvio Feliciano Band“ со концерт посветен на Џими Хендрикс, и грчкиот бенд „Zippy Nappers”.