Сите 16 романи на академик Божин Павловски во една едиција насловена „Романи создадени отаде морињата” објавија МАНУ и „Матица македонска“, по повод 60 години творештво на авторот.
Едицијата е во обем од 6 200 страници и ги содржи сите 16 романи што Павловски ги создал творејќи во далечни земји. Содржи и 16 есеи од познати македонски и српски книжевни теоретичари.
Меѓу објавените романи, 11 освоиле значајни меѓународни и домашни признанија, како Интербалканската награда за книжевност во Грција, наградата „Екселзиор” за унапредување на европската проза во Романија, меѓународната награда „Арка” во Србија, нашата државна награда „11 Октомври”, Рациновото признание, наградите „Стале Попов” и „Духовен воин”…
Божин Павловски за своето богато творештво ја добил и наградата „11 Октомври” за животно дело, а за својата културна дејност е одликуван со Орден заслуги за народ. Повеќе од 30 години тој го координира излегувањето на двата македонски неделни весника во Австралија.