Тринаесеттото издание на манифестацијата „Звуците на чаршијата“ почна попладнево на плоштадот „Скендербег“ со промоција на литературни дела со мотиви од Старата скопска чаршија.
Беше промовирана книгата „Ала турка – ала франга“ од дизајнерката Елена Максимовска во која таа го разработува начинот на облекување во 19 век во Скопје – ориенталното влијание, од една страна, и навлегувањето на модните новини од Западна Европа, од друга страна. Покрај оваа, беше промовирана и книгата „Бојана на Тодор“ од Бојана Тренчевска.
До крајот на денов ќе има и изложба на фотографии од чаршијата од Арбнора Мехмети и Зоран Шекеров, настапи на неколку културно-уметнички друштва, изложби, балетска претстава, концерти на Брасстет, Емин Салихи бенд и Кода бенд, проекција на отворено на филмот „Враќање“ во паркот на Скопското кале, со што ќе заврши првиот од трите фестивалски денови.
Манифестацијата ќе продолжи утревечер во 20 часот со изложба-инсталација на уметникот Исмет Рамичевиќ на платото на Универзитетот УЈИЕ. Од 21 часот на плоштадот „Филип Втори“ ќе има концерт на кој ќе настапат повеќе изведувачи меѓу кои и годинашната претставничка на Евровизија, Тамара Тодевска.
„Звуците на чаршијата“ ќе заврши в среда со уште еден концерт од 21 часот на плоштадот „„Филип Втори“, со настап на Канита Сума, Линдон Бериша, Елвана Шата и диџеи.
Манифестацијата ја организира Културно-информативниот центар-Скопје под покровителство на Град Скопје и Министерството за култура. Директорката на КИЦ-от Сермине Пурини изјави дека се задоволни од масовноста на настаните во изминатите изданија.
– „Звуците на чаршијата“ е веќе бренд. Задоволни сме се од посетеноста, иако концептот не е за настани со публика, туку отворени настани што ги следат минувачи, туристи и посетители на чаршијата. Вечерните концерти се многу посетувани и има до 10 000 граѓани, затоа што имаме доста познати пејачи од регионот, додаде Пурини. х