Во Галеријата Ем-Си во Њујорк в сабота ќе биде отворена изложба на уметнички проект „1/2 Состојба“ на уметницата Михаела Јовановска во соработка со видео авторката Вероника Камчевска.
„1/2 Состојба“ е мултимедијален проект поврзан со истражување на тема родовата нееднаквост и нејзините релации. Концептот објаснува емоција која се стреми кон тоа нејзината форма да стане целина.
Проектот го прикажува надворешното влијание за нееднаквоста што го моделира битието како крајно отсутно во идејата да се биде човек.
Мултимедијалниот проект „1/2 Состојба“ ќе биде изложен до 30 септември. Изложбата е поддржана од Министерството за култура на Република Северна Македонија.
Михела Јовановска работи во Националната галерија на Македонија како соработник за визуелни уметности и дизајн.
Таа е мултимедијален уметник со главен фокус на уметничка инсталација. Нејзините дела досега се изложувани на повеќе групни и на пет самостојни изложби, локално и меѓународно, вклучувајќи ги и Галеријата Ем-Си во Њујорк, Прима центарот во Берлин, КИЦ во Софија, Галеријата Лауба во Загреб, „Миодраг Дадо Џуриќ“ во Цетиње, скопска Мала станица, Национална галерија – Скопје, Биеналето на млади и Музејот на современа уметност во Скопје.