Книгоиздателството „Захариј Стојанов“ од Софија го објави поетскиот избор „Лов на искри“ од Санде Стојчевски. Изборот и преводот од македонски јазик е на современите бугарски поети Петар Караангов, Димитар Христов, Елка Њаголова и Роза Бојанова.

Циклусите „Јагорида“, „Прав и вино“, „Узда од ѕвезда“ и „Врв“ содржат 80-тина песни од Санде Стојчевски, а циклусот „Заум“ ги донесува неговите поеми „Заум“ и „Заум II“.

Предговорот на изданието е на поетот Љубомир Левчев, врвен бугарски поет, носител на наградата „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата. Левчев истакнува дека во стиховите на Стојчевски „јазикот кипи, ферментира како лудо вино, ја менува формата, си ги менува нијансите, менувајќи ја понекогаш и самата смисла – логосот…“

Изданието е збогатено и со поговорот „Непроѕирноста на светот и на текстот“ од поетот Петар Караангов.

Досега избори од поезијата на Стојчевски се објавени на англиски, бугарски, есперанто, полски, романски, руски, српски, турски и хрватски јазик. Стојчевски е носител на сите позначајни награди за поезија и критика во земјава, како и на повеќе значајни признанија за поезија во регионот.



Автор: Администратор
Објавено на: 17/09/2019 15:49