Лицата со различни видови попречености да имаат можност за пристап до разновидни материјали без ограничувања за дела што подлежат на авторски права. За овој бенефит министерот за култура Хусни Исмаили денеска разговарал со група од светската иницијатива за олеснување на пристапот за овие лица и тоа им го соопшти на претставници на Националниот сојуз на слепите на Република Македонија кои денеска промовираа звучна книга и списание објавени со поддршка на Министерството за култура.
Исмаили рече дека е горд што со години Министерството ја поддржува издавачката дејност на Сојузот со што ги задоволува потребите на членството чиј придонес, како што рече, е еднаков како на сите граѓани.
– Градиме едно општество за сите. Посветено работиме на спроведување на нашите политики за надминување на различностите, за кршење на бариерите, намалување на границите и разликите помеѓу луѓето од каков било вид, рече Исмаили, честитајќи им го на слепите и слабовидните лица 15 Октомври – Светскиот ден на белиот стап.
Претседателот на Националниот сојуз на слепите Жарко Селковски се заблагодари за поддршката на Министерството за култура, очекува таа да продолжи за да се зголемува фондот на книги објавени во аудиоформат. Посочи и на Меѓуанродната конвенција од Маракеш од 2013 година за пристапни книги за слепи и слабовидни лица и очекува и земјава да го ратификува договорот на Светскиот сојуз на слепите и Светската организација за интелектуална сопственост, со што им се дава можност на слепите лица да го уживаат основното човеково право – правото да читаат.
Книга во МП3-формат што беше промовирана денеска е „Ова не е крај“ и е посветена на Тоше Проески. Сојузот промовираше и нов број од звучното месечно списание „Панорама“, кое е гласник за информирање на слепите и слабовидните лица од земјава и од регионот.
Сите аудиоизданија (разновидни четива и различни теми) можат да се најдат и на првата онлајн-аудиобиблиотека на веб-платформата www.nssrm.org.mk која месечно е посетена од повеќе од 200 000 лица.
Министерството за култура во рамки на Годишната програма за 2019 година го помага и објавувањето на списанието „Наш збор“ на Брајово писмо кое го издава Националниот сојуз на слепите.