Со едночасовен настап во Нишкиот културен центар, синоќа фолклорната група „Копачка“ од село Драмче, Делчево ги затвори Деновите на македонската култура во Ниш. Како што информираше, Благе Петрушевски, претседател на македонското здружение „Вардар“, настанот се организира во чест на 8 Септември – Ден на државноста на Македонија и има за цел да го претстави македонското културно творештво.
-Манифестацијата Денови на македонска кулктура во Ниш, започна на 10 септември и ќе трае до 20 септември. Ова е завршната активност. Во рамки на програмата имавме изложби, концерти, вечер на македонски филмови, поетско-музичка вечер, музичка монодрама,концерт на класична музика, додека за затворањето на фестивалот е задолжена фолклорна група „Копачка“, рече Петрушевски.
Освен настапот на машкото и женското оро, на настанот беше презентиран и документарниот филм за орото „Копачка’ кој како што информираше Перса Стојановска, секретар на здружението, беше дел од номинацијата на орото во УНЕСКО.
-Благодарност до организаторот што ни овозможи да го затвориме фестивалот со едночасовна програма. По претставувањето на филмот, имавме презентација како се одвивал тој процес на орото „Копачка“ до впишувањето во УНЕСКО, потоа имавме полчасовна програма, со изворен Пијанечки фолклор, со акцент на претставувањето на орото како машката, така и женската изведба на Копачката, рече Стојановска.
Во рамки на настапот, членовите на групата го презентираа и обичајот „Попрелка“, а во интеракција со публиката, селдеше и заедничка изведба на најпознатиот Пијанечки бренд.
Инаку, Здружението на Македонци „Вардар“ од Ниш постои 17 години, работи во областа на култура,образование, јазик, инфомриање како и одбележување на значајни датуми и хуманитарно ангажирање.