Во галеријата на Националната установа Центар за култура Крива Паланка денеска беше отворена изложбата на уметнички дела од хартија работени во квилинг техника под менторство на Фросина Стојчевска.

-Дваесетина дечиња во период од два месеци во текот на летото неуморно работеа и ги усовршуваа знаењата, техниката на изработка на уметнички дела во популарната техника филигран од хартија-квилинг. Радува фактот што голем број дечиња изразија желба да научат нова вештина која ќе им биде стил на изразување и исполнување на слободното време, но и начин на изработка на мали уметнички креации, што во животот може и да им донесе заработка, изјави директорката на НУ Центар за култура Крива Паланка, Мира Ѓоргиевска.

Работилниците во квилинг техника се одржаа во рамки на проектот одобрен од страна на Министерството за култура на Република Македонија.

-Втора година работев, на мое големо задоволство, пренесувајќи ги знаењата, со дечиња од различни генерации. За да се изработи дело во квилинг, хартијата се витка, сече, манипулира на најразлични начини и деловите се формираат во една целина што претставува едно дело, личен израз на авторот. Изработените дела се доказ дека креативноста не познава граници, изјави Фросина Стојчевска, уметник, под чиешто менторство се одржаа работилниците.

Од име на Националната установа Центар за култура Крива Паланка беа доделени благодарници на учесниците во работилниците, а изложбата на која се претставени седумдесетина дела ќе биде отворена во следните две недели.



Автор: Администратор
Објавено на: 19/09/2019 13:29