Македонската радио-телевизија влегува во копродукција на претстојната ТВ-серија „Зоки Поки“ чие снимање беше завршено месецов, соопшти продукцијата „Кино око“. Се работи за модерна екранизација на најпознатата лектира за деца од писателката Оливера Николова, во режија на Александар Поповски и продукција на Роберт Насков и „Кино око“, со поддршка на Агенцијата за филм.

„Кино око“ наведува дека договорот за копродукција со Македонската радио-телевизија е склучен по пат на учество на ТВ-проектот „Зоки Поки“ на јавен повик, кој МРТ согласно со Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги го распишува по објавување на својата Годишна програма.

– Од МРТ велат дека сценариото за „Зоки Поки“ на „Кино око“ продукција едноставно „светнало“ меѓу мноштвото пријави пристигнати на Јавниот повик и дека Комисијата за набавка на програмски содржини била едногласна во одлуката, соопшти „Кино око“.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/09/2019 19:35