Во Делчево се во тек аудиции за учество на манифестацијата ,,Пијанечки бисери”, која годинава е во организација на Центарот за култура „Никола Јонков Вапцаров“ од Делчево.
Директорот Методи Толевски изрази задоволство што фестивалот на барање на младите се организира и оваа година.
-Аудициите ќе траат до 27 септември, а потоа комисија задолжена за избор на кандидатите ќе ги избере учесниците на манифестацијата. Планирани се две фестивалски вечери, а доколку интересот биде поголем ќе се организираат две полуфинални и една финална вечер, соопшти Толевски.
Преку оваа детска музичка манифестација, како што додаде, целта е пронаоѓање музички таленти, кои потоа би ја претставувале установата на домашни, но и на странски фестивали.
Пробите за учесниците се во тек и се одвиваат секој работен ден во просториите на Центарот за култура во Делчево. Оваа година, како што информираат, учесниците ќе пеат на готова матрица, што е исчекор во организирањето на манифестација. „Пијанечки бисери 2019″ и годинава доби поддршка од Министерството за култура.