Кинотеката задутре од 20 часот ќе организира Вечер посветена на Стефан Сидовски-Сидо (1946-2019), еден од најомилените професори по филозофија и филм, кому Киносојузот на Македонија му ја додели највисоката титула – Мајстор на аматерскиот филм. Во чест на Сидо, кој почина неодамна, на неговото омилено столче во салата на Кинотека ќе биде поставена плочка со неговото име, а на присутните ќе им се обратат и неколку негови пријатели.

Ќе бидат прикажани неколку филмови на Сидо, како и краткиот документарен филм на Тамара Котевска, насловен „Сидо“, нејзин испитен филм по предметот Филмска и ТВ-режија на ФДУ во траење од 20 минути, како и неколку досега необјавени видеоматеријали за професорот.

– Стефан Сидовски-Сидо е легенда на аматерскиот филм во Македонија, заљубеник и занесеник по филмот од рана возраст, Сидо повеќе од половина век беше синоним за неверојатна посветеност на филмот. По 36-те години поминати како професор во гимназијата „Раде Јовчевски Корчагин“, предаваше и како вонреден професор по историја на филм и теорија на филм во ЕСРА, посочува Кинотеката.

Д-р Стефан Сидовски е роден на 3 октомври 1946 година во Скопје. Студирал филозофија, а во 1973 се вработил во гимназијата „Корчагин”. Во 1995 година магистрирал со трудот „Естетската суштина на филмскиот кадар”, а во 2001 докторирал на тема „Естетиката и дијалектиката во монтажата на филмот”.

Со аматерски филм почнал да се занимава уште од гимназиски денови, прво самостојно, а потоа како член на киноклубот „Камера 300″. Од 1975 Сидовски е член на „Академскиот киноклуб”. Учествувал на многу меѓуклупски и меѓународни фестивали на кои бил наградуван, а некогаш и забрануван.

Беше режисер и актер во своите аматерски филмови, а има и еден краткометражен професионален филм. Автор е на десетици филмови, меѓу кои и „Контејнер“ (2008), „Полуден револуционер“ (2015), „Raison d’etre“ (2006), „Средба“ (2014), „Големиот оратор“ (2007), „C’est la Vie“ (2016).



Автор: Администратор
Објавено на: 23/09/2019 12:34