Самостојна изложба на младиот и перспективен македонски автор, Филип Лафазановски ќе биде отворена вечер во 20:00 часот во „Рудиќ Галерија“.

На изложбата ќе бидат прикажани 30 фотографии од творештвото на Лафазановски.

Филип Лафазановски е роден во Скопје на 14 јануари 2000 година. Средно образование завршил во Гимназијата „Никола Карев“. Моментално посетува додипломски студии на Универзитетот за аудиовизуелни уметности „ЕСРА“ во Скопје, насока – Филм и Дигитални медиуми. Со фотографија се занимава пет години.

-Неговиот фотографски интерес е насочен кон секојдневни ситуации и моменти на обичниот човек во урбана средина, впечатливо нагласувајќи го стилот на таканаречената улична фотографија (street photography). Во фотографиите најчесто е прикажан односот помеѓу човекот и архитектурата, создавајќи композиција на современиот градски живот, се наведува за делата на Лафазановски.

Негови фотографии се објавени во медиуми како: Urban Eye Magazine, 2016; We Street Book, London, 2016; Global Photography Network, 2018, а има оставрено и самостојни изложби во Печ и Сегед, Унгарија.

Наградуван е на: Фотомедија 2016(FIAP бронзен медал) и на Деновите на Македонска фотографија за 2016 и 2017 година на кои се закитил со златни медали во младинска конкуренција. Како автор е вклучен во колекцијата на Фото Сојузот на Македонија: „Актуелен момент во македонската современа фотографија“, која е прикажана во Чачак, Скопје, Град Негова(Словенија) и во Ријека.



Автор: Администратор
Објавено на: 24/09/2019 11:16