Во Ликовниот салон во Велес синоќа беше отворена изложбата на академскиот сликар Тони Чатлески во која се изложени 18 дела масло и акрил на платно и комбинирана техника, од неговиот циклус „Древниот сон“ кој содржи вкупно 91 дело.
Изложбата ја претстави Елица Николова, историчар на уметноста од Народниот музеј во Велес, што ја организира изложбата.
Таа појасни дека во овие дела авторот освојува и реализира еден нов поинаков простор, дела кои не се реалистични, описно навидум хаотични, но сепак дела во кои смислено трага по хармонија и едноставност.
– Приказната е внатре и ние само треба да ја одгатнеме.Чатлески ги бара одговорите за смислата на животот, доброто и злото, човечното и нечовечното при што е евидентно прочистувањето на визуелната палета, додека филозофијата за сопственото постоење и живот е пренесена на надреалноста на сонот, појасни Николова.
Чатлески рече дека овој циклус го работел две ипол до три години, од крајот на 2013 година, а го завршил во 2016 година, кога изложбата ја отворил во Националната галерија во Скопје.
-Кога велам Древниот сон мислам на една тема која ме засегна мене во тој период од животот, а мислев при тоа на „Древниот сон“ на тој континуитет на човековиот живот од памтивек до современието сега и понатаму. Потрагата на уметникот за смислата на животот, односно потрагата за вечниот живот. Значи со секој нов живот создаваме вечен човеков живот. Контактот меѓу минатото, сегашноста и иднината го правиме преку сонот. Во него можеме да се најдеме и сочувствуваме со нашите претци и со идните генерации. Така преку тој сон можеме да го доловиме тој вечен живот, посочи Чатлески.
Инаку, изложбата во Велес му беше негово второ самостојно претставување пред велешката публика, а беше во рамките на „Европските денови на културното наследство 2019“, а за што на изложбата се осврна Марин Клифов, в.д. директор на Народниот музеј.
Изложбата по Скопје, Битола, Прилеп, Штип, Кавадарци и Велес ќе биде претставена и во други градови во земјава. Авторот додаде дека моментално работи на својот нов сликарски циклус насловен Животот е бајка?