„Кина во моите очи“ e насловена фото-изложбата која денеска беше отворена во Занаетчискиот дом во Куманово, во организација на Амбасадата на Народна Република Кина, Општина Куманово и Друштвото за македонско-кинеско пријателство, во чест на 70-годишнината од основањето на Народна Република Кина.
Присутните имаа можност да разгледаат фотографии направени од Македонци кои студирале, работеле или ја посетиле Кина, како и да пробаат кинеска храна.
Амбасадорот на Народна Република Кина, Џанг Ѕуо, во обраќањето пред присутните рече дека кинескиот и македонскиот народ уживаат во длабокото традиционално пријателство.
– Од воспоставувањето на дипломатските односи пред 26 години, нашата политика, меѓусебната доверба стануваат се посилни и поцврсти. Со платформата 17+1, Кина и Република Северна Македонија од година в година ја продлабочуваат соработката во различни области, вклучувајќи ги и науката, технологијата, образованието, земјоделството, инфраструктурата… Кина е најголем трговски партнер во Република Сверена Македонија, надвор од Европа, рече амбасадорот.
Тој се осврна и на помошта од Кина за државата и истакна дека над 10.000 кинески туристи ја посетиле државата, а повеќе од 1.000 Македонци ја посетиле Кина во текот на минатата година.
Секретарот на Општина Куманово, Десанка Стошевска му посака успешна работа на амбасадорот и изрази надеж дека ќе се продлабочи соработката со локалната самоуправа во сите сфери од општествениот живот, особено во економскиот сегмент.
Пред присутните зборуваше и претседателот на Друштвото за македонско-кинеско пријателство и соработка, Љупчо Маленков, потсетувајќи дека Друштвото функционира од 1994-та година.
– Градот Куманово годинава одбележува 500 години постоење и е Град на Културата, сметам дека најповикано место да го одбележиме овој значаен јубилеј за кинескиот народ е во Куманово, рече Маленков.
Тој се осврна на значајните настани важни за Кина и за кинескиот народ, за моќноста на државата, економскиот раст, за инфраструктурни проекти.