Приелпскиот театар „Војдан Чернодрински“ покрена иницијатива до Министерството за култура да биде посебен правен субјект и да се одвои од Центарот за култура „Марко Цепенков“, во чиј состав е од 2004 година.

В.д директорката на Центарот, Марија Спиркоска-Илијеска, изјави дека иницијативта со потписите од вработените во театарот е испратена во Министерството, а на влезната врата на театарот денеска е поставен натпис: Театар „Водјан Чернодрински“-Прилеп.

– До Министерството за култура испратено е писмо на кое се потпишани сите актери и вработени во оваа институција за конечно одделување на театарот „Војдан Чернодрински“ од Центарот за култура „Марко Цепенков“ како посебен субјект. Да биде посебен субјект: Народен театар или театар „Војдан Чернодрински“. Токму денеска, на влезната врата од тетарот се постави името на институцијата: Театар „Водјан Чернодрински“-Прилеп. Нема да запреме, зашто нашата енергија и мотивот нема да нè остават индиферентни, за театарот да биде посебна институција. Прилеп заслужува подобри услови за ансамблот, да нуди поголеми театарски креации. Имаме позитивно мислење од Министерството. Такво мислење и барање имаат упатено и пет до шест театри во земјава кои сѐ уште се во склопот на центрите за култура, изјави Спиркоска-Илијеска.

Во меѓувреме, има барања и за реновирање на стариот објект, како и потсетување дека ќе се гради нов објкект на Театарот во склопот на Домот на културата „Марко Цепенков“.

-До Министерството за култура доставивме предлози и дописи за реновирањето на овој, стар објект на прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“, а потсетивме и на изградбата на нов театар кој треба да биде во склопот на Центарот за култура „Марко Цепенков“, како доградба и надградба на објектот. И покрај идејата за нов објект, треба да се реновира постојниот зашто условите за работа се повеќе од скромни и речиси невозможни и се под нивото за една претстава да се направи според европските критериуми, објаснува Спиркоска-Илијеска.

Во театарот се направени промени. Со помош на театарската група „Театар 5, сцена 4“, поставена е пристапна рампа и е комплетно преуредено фоајето на театарот.

-Ова е наше ново време. Време на младата екипа која тежнее да стане европска и со висок потенцијал. Донесовме промени. Поставивме пристапна рампа до влезот на Прилепскиот театар. Во фоајето се истакнати сите награди на прилепскиот ансамбл, кои навистина се многу и треба публиката да ги види. Тоа се бројни награди добивани со децении, истакна Спиркоска-Илијеска.

Инаку, идејата за нов театар е во фаза на идејно решение за модерна градба, како продолжение на сегашниот Дом на културата „Марко Цепенков“.



Автор: Администратор
Објавено на: 26/09/2019 21:52