Има многу малку автори за деца и млади ситуацијата во македонската литература за деца и млади навистина е алармантна, рече писателот Горјан Петревски во Кавадарци, на средбата со читатели. Тој нагласи дека литературата за деца и млади е многу сериозна работа, на која многу сериозно треба да и се пристапи, за еден автор да биде прифатен од читателите.

Таа литература, додаде, не трпи импровизации, бара целосно посветен автор. Според него, многумина ќе почнат нешто во таа литература, но тука застануваат, мислејќи дека во литературата за возрасни побрзо ќе се искажат поафирмативно. Тој смета дека е тоа погрешно.

-Навистина е предизвик и задоволство да се пишува за љубители на пишаниот збор од тинејџерска возраст. Но, тоа истовремено е и многу одговорна работа. Затоа што читателите не простуваат. Ако книгата не им се допадне, немаат трпеливост да ја читаат до крај и ја оставаат. Јас сум од оние писатели кои можат да се пофалат дека има читатели меѓу тинејџерите, рече тој, додавајќи дека книгата е мост кој ги поврзува луѓето.

Осврнувајќи се на своите дела, меѓу кои и романот за Марта кој е многу прифатен има 20 изданија, а 21 е пред излегување, Петревски рече дека преку нив, тој станува дел од светот на читателите. Откри дека сите негови романи се врзани со некоја вистина од животот.

Околу тоа дали и колку се заработува од пишување, тој беше дециден дека некои работи немаат своја цена. Порача дека ако некој мисли дека ќе заработи од тоа, подобро да не почнува.

-Пишувањето има некоја друга моќ. Но, сепак сево ова да не се сфати погрешно. Тоа не значи дека јас сите овие книги бадијала сум ги пишувал. За секоја книга сум добивал извесен хонорар, не можам да се пожалам на тој план, рече Петревски.

Присутните, меѓу кои имаше од сите возрасти, му поставуваа прашања дали е тешко да се биде писател, бараа дополнителни информации за романите за Споменка и Марта, се интересираа за автобиографските елементи во неговото творештво, рекоа дека делата на најчитаниот автор за млади се хит меѓу тинејџерите во државата.

Средбата беше во организација на библиотеката ,,Феткин”. Директорката на библиотеката, Весна Гркова рече дека Петревски пишува за теми кои се секогаш актуелни.

За своите дела, Петревски има добиено повеќе награди. Тој го најави и својот нов роман за почетокот на наредната година, а искрено проговори за двете желби кој ги имал во животот, поврзани со фудбалот и писателството.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/09/2019 11:29