Во чест на италијанскиот композитор Руџеро Леонкавало, со македонскиот тенор Благој Нацоски, по повод одбележувањето на 60-години од воведувањето на настава на италијанскиот јазик и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје, денеска во Филхармонија ќе се одржи оперски концерт, што е организиран од страна на Италијанската Амбасада.
Настанот е завршен дел на меѓународната конференција „Италијанистиката во третиот милениум: новите предизвици во јазичните, книжевните и културолошките истражувања“.
Тема на концертот ќе бидат оперските дела на Руџеро Леонкавало (1857-1919), еден од најважните претставници на мелодраматичниот варизам, како комеморација на стогодишнината од смртта на наполитанскиот музичар.
Познатиот македонски тенор Благој Нацоски веќе долги години е во Италија, настапувал во престижни меѓународни театри, како „La Scala“ во Милано, „La Fenice” во Венеција и „New York City Opera”. Во 2008 година од страна на Владата во Скопје му е доделена почесната титула “Амбасадор на македонската култура“, а во неговата скоро дваесетгодишна кариера може да се пофали со бројни соработки со важни диригенти. Во оваа прилика ќе го придружуваат Дино Имери на пијано и сопранот Хелена Суша.
За време на концертот ќе има и говори за животот и делото на Леонкавало, на македонски и на италијански јазик.