Во „Babylon Café“ во Струмица вечер ќе се одржи деветтото издание на поетската манифестација „100 Илјади поети за промена“. Струмица повторно е домаќин на поетите кои изразија интерес преку отворените повици да бидат дел од мисијата на самата манифестација и ова глобално движење.

– Годинава Здружението „Контекст-Струмица“ е домаќин на девет интернационални поети: Томаш Јонаш (Украина), Марко Видал (Шпанија), Том Филипс (Велика Британија), Петер Андреј и Мојца Андреј (Словенија) Сотуриос Пастакас и Ефтимиос Ленѕас (Грција), Иван Христов и Петар Чухов (Бугарија). Од нашата земја исто така се најавени дваесетина поети гости, меѓу кои: Исток Улчар, Рина Јанкуловска, Андреј Ал-Асади, Диме Данов, Марина Икономова Шокева, Ненад Јолдески, Сузана Мицева, Љупка Антеска, Марко Салџиевски, Цветанка Колева, Игор Трпчески, Даниела Андоновска-Трајковска, Милчо Мисоски и други, информира Митко Гогов од Здружението „Контекст-Струмица“.

Освен поетски читања предвидена е изложба на плакати, промоција на зборникот со дел од застапените автори, музички перформанс, како и воншколска активност со децата од СОУ „Маршал Тито“-„Прочитај песна на дете“ (Read A Poem To A Child).

Настанот е дел од глобалната манифестација „100 Thousand Poets for Change“-меѓународна манифестација која годинава се оддржува во повеќе од 60 држави во светот, со повеќе од 600 закажани настани, а нашата држава и Струмица се дел од самото движење уште од почетокот.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/09/2019 11:49