Кошаркарките на „Клубски Патриот“ заминаа за соседна Република Бугарија каде во следните неколку денови ќе одиграат контролни натпревари со две прволигашки екипи од градот Сливен и Стара Загора. Првиот натпревар ќе го одиграат против екипата на „Тони 7“, додека во вториот ќе се сретнат со екипата на „Берое“ од Стара Загора. Како што информира тренерот на екипата Љупчо Петровски, овие натпревари ќе ја покажат подготвеноста на екипата, за новата прволигашка сезона, која е закажана за октомври.

-Се работи за традиционален турнир на кој секоја година настапуваме во нашето соседство. Соработката која ја имаме со клубот „Тони 7“, со кој ќе одиграме пријателски натпревар е на задоволително ниво, додека исто така ќе имаме и силен предизвик во екипата на „Берое“ од Стара Загора. Со одржаниот камп и овие подготвителни натпревари, екипата е спремна во октомви успешно да го започне првенството, вели Петровски.

Екипата од неодамна, како што дополни, го има и вториот свој претставник во македонската младинска репрезентација.

-Елена Ангеловска е наш втор претставник во репрезентацијата, откако тоа претходно и успеа на нејзината сестра Ана Ангеловска. И двете се носителки на играта во нашиот тим и со нивна помош, очекуваме добри резултати во новата сезона, додаде Петровски.

Женскиот кошаркарски клуб „Клубски Патриот“ кој е поранешен освојувач на Купот на Македонија и годинава својата игра ќе ја темели на домашни кошаркарки кои веќе неколку сезони играат заедно.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/09/2019 15:40