Културно уметничкото друштво „Дримкол“ од Вевчани, викендов ги претстави македонските фолклор, култура и традиција во турскиот град Сафранболу во рамките на проектот „Денови на Македонската култура во Турција“.
Презентацијата е дел од програмата на реномираниот фестивал за документарен филм „International golden saffron documentary film festival“ што годинава се одржува по 20-ти пат во организација и покровителство на општината и градоначалничката Елиф Косе.
На овој познат и реномиран фестивал во Турција годинава, како што информира претседателот на друштвото Тоше Чочороски, за учество биле пристигнати апликации за 1.527 документарни филмови од над 100 земји, податок што, според него, само ја потврдува големината фестивалот.
– КУД „Дримкол“ изминативе денови одржа три сценски настапи на различни локации, а целовечерен концерт одржа и на големата сцена во центарот на Сафранболу. Пред присутните беа одиграни сценски адаптации и кореографски обработки од Вевчани и од другите играорни подрачја на Македонија, истакна Чочороски.
Целовечерен концерт, додаде, одржале и во Истанбул во организација на здружението за култура и уметност „IDA SANAT“, кое работи во рамки на општина Шишли од Истанбул.
– Со учество на овој светски признат фестивал, КУД „Дримкол“ од Вевчани само уште еднаш го потврди својот статус на голем културен амбасадор на Македонската култура и традиција низ светот, подвлече Чочороски.