Со отворање на изложбата на карикатури и прогласувањето на најдобрите карикатуристи во Виница почна меѓународниот фестивал на хумор и сатира „Ин Виница веритас“.
Наградата за најдобра карикатура му припадна на Игор Смирнов од Русија второнаграден е индонезискиот карикатурист Јитет Куштана, а третата награда ја доби Михаил Златковски од Русија.
-На конкурсот, чија тема беше „Трагачи по парадокси“, годинава пристигнаа одлични творби, меѓу кои и од седуммина врвни светски карикатуристи. Освен Смирнов, кој е познат светски карикатурист и човек кој внимава на секој детал, на конкурсот учествуваа и Алексеј Кустовски, Михаил Златковски и ред други имиња кои ги собраа сите награди по повеќе фестивали за карикатура во светот. Навистина ни беше задоволство, нам како организатори на „Ин Виница веритас“, но и на членовите на жири комисијата што имаше толку голем избор. Никогаш до сега немало ваква силна конкуренција и се надевам дека овој тренд ќе продолжи и во наредните години, истакна сатиричарот Миле Ѓорѓијоски.
Организатор на фестивалот на хумор и сатира во Виница е домот на културата „Тошо Арсов“, со финансиска поддршка од Министерството за култура, а под покровителство на Општина Виница.
– По единаесетти пат од возобновувањето, ние како локалната самоуправа го помагаме фестивалот, и тој со право прераснува во едно од културните обележја на општината и регионот. Од буџетските средства одвојуваме значителен дел за поддршка на културните манифестации, а потврда за нивната успешност е големиот број гости и посетители, како и богатиот репертоар за сечиј вкус, истакна градоначалникот на Виница, Ивица Димитров.
По отворањето на изложбата на карикатури, во рамки на фестивалската програма настапи актерот Сашо Тасевски со стендап комедијата „Северно од Македонија“, а вечерва гостува бугарска театарска група од Благоевград со претставата „Животот, макар и краток“ во која една од носечките улоги има актерот од Виница, Игор Дамјанов.