Во октомврискиот број на стрип-магазинот „Парабелум“, кој овој викенд официјално ќе биде промовиран на вториот Меѓународен салон на стрип во Бања Лука, со свои дела е застапен и Александар Стеванов од Штип. Станува збор за стрипот „Сламберленд“ кој по негово сценарио го илустрира Наташа Коњевиќ од Бања Лука.
– „Парабелум“, кој е во издание на Здружението на стрип-автори и љубители на стрипот од Република Српска – „Деветта димензија“, е убедливо најобемниот балкански стрип-магазин. Овој негов деветти број, најавен како јубилеен поради тоа што стрипот се смета за деветта уметност, е распослан на вкупно 300 страници од кои 32 во боја, изјави Стеванов.
Тој е редовен соработник на списанието, во кое објавувал теоретски текстови, како и коавторски стрипови заедно со Весна Ничевска од Скопје и Дарко Богданов од Виница.