„Политичко времено специфично“ е насловено предавањето кое вечер од 19 часот во Музејот на современата уметност-Скопје ќе го одржи кубанската уметница Тања Бругуера (Хавана, 1968). Таа е една од најзначајните и најангажираните уметници во светот денес, која се занимава со инсталација и перформанс. Нејзините дела честопати ги нагласуваат општествените ефекти од моќта на политичката сила.

Насловот на предавањето е обмислен од авторката со цел да се дефинира вид уметност која е создадена да постои во одреден политички момент, кој на уметничкото дело му дава потенцијално политичко и општествено влијание.

– Со оглед на тоа што веќе не е доволно да се создава уметност како а постериори реакција или коментар, време е да се создава уметност за она што сè уште не е случено и она што допрва треба да се случи, соопшти МСУ.

Бругуера има учествувано на култната изложба „Документа 11“ во Касел, Германија, а ја основала и програмата за Бихевиорална уметност при Универзитетот за уметности во Хавана. Има изложувано на Биеналето во Венеција во 2015 година, во Музејот на современа уметност „Тејт Модерн“ во Лондон, во „Гугенхајм“ и во МОМА, Музејот на современа уметност во Њујорк…

Неодамна таа го отвори Меѓународниот институт „Хана Арент“ за „артивизам“ во Хавана, како школа, изложбен простор и „тинк-тенк“ за уметници-активисти.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/10/2019 11:24