Со претставата „Странци“ на Драмски театар-Скопје синоќа беше отворен 22. Меѓународен фестивал „Денови на комедија“ во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово. Во наредните две недели публиката ќе има можност да ужива во дванаесет комедии од театри од државава, Србија, Хрватска, Бугарија и Албанија.
Оваа година новина е што гледачите ќе може да ги оценуваат претставите од еден до пет, по што ќе биде прогласена најдобра претстава од публиката. На првата фестивалска вечер кумановци ја проследија комедијата „Странци“ во режија на Нела Витошевиќ, во која настапија Игор Ангелов, Ирена Ристиќ, Биљана Драгиќевиќ-Пројковска, Зоран Љутков, Сања Арсовска, Филип Трајковиќ и Предраг Павловски.
Во наредните денови на фестивалот ќе бидат изведени и комедиите: „ Љубаф“ на Градско казалиште „Јозо Иванкиќ“ од Винковци, Хрватска, „Чекори“ на Театар Куманово, „Мој термин“ на МНТ-Скопје. „Одам на лов“ на Велешкиот театар, „Власт“ во изведба на „Славија“ од Белград, „Жени пред нервен слом“ на Театар Комедија-Скопје, „Школо за љубовници“ на Академија-Белград, „Смеј се за збогум“ на Сатиричниот театар „Алеко Константинов“ од Софија, „Доктор Шустер“ во изведба на театарот „Андон Зако Чајупи“ од Корча, Албанија, „Запознај го мојот татко“ на продукција „Како вам драго“ од Белград, а „Деновите на комедијата“ ќе ги затвори Кумановскиот театар со претставата „Бегалка“.
Кумановци синоќа имаа можност да гледаат и стендап-комедија на Весна Петрушевска, а Центарот за култура на отворањето на манифестацијата му додели и награда за долгогодишно уметничко творење на актерот Илија Струмениковски во Кумановскиот театар за неговата богата кариера, настапи во театри, филмови, серии.
Директорот на Кумановскиот театар Сашо Тодоровски истакна дека е горд што имаат фестивал за кој салата е исполнета до последно место, а билетите се распродадени за само три дена. Им се извини на тие што не уаспеале да дојдат до билет затоа што салата има 670 места, а информираше дека в година половина од билетите ќе можат да се купат онлајн, а половина ќе се продаваат на билетарница.
Фестивалот за отворен го прогласи кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски, кој нагласи дека општината ќе продолжи да го поддржува и им се заблагодари на сите кои низ годините придонеле за неговиот развој.
-Верувам дека во следните две недели кумановци и гостите коишто ни се дојдени ќе уживаат во комедијата, бидејќи, нели, ние сме градот на шегата, на смеата, на боемството и посакувам да си поминат сите убаво, на актерите професионален настап, како и секогаш досега, и она што е најбитно – да избегаме од општественото секојдневие, изјави Димитриевски.
Фестивалот годинава доби поддршка и од Министерството за култура. На отворањето присуствуваше националниот координатор за развој на културата и меѓуресорска соработка во Владата, Роберт Алаѓозовски, кoj истакна дека „Денови на комедија“ се културно обележје на Куманово.
-Поддршката е постојана и ние очекуваме дека со новото законско решение кое овозможува манифестации да добијат статус од национален интерес, а со тоа и повеќегодишно финансирање, како и со можноста институциите од областа на културата да добиваат резервиран буџет, да имаат автономија сами да управуваат со буџетот, па во таа смисла тие самите да одлучуваат на која од активностите и манифестациите ќе им даваат повеќе поддршка. Верувам дека доаѓаат поодбри денови за самиот фестивал и воопшто дека поддршката на културата и развојот на културата ќе може да донесе поголем развој, поголем квалитет, интернационализација, секако децентрализација, затоа што сè повеќе луѓе, не само од Куманово, туку и од околните градови, да доаѓаат, така што навистина верувам дека фестивалот има иднина и со задоволство дојдов да го проследам отворањето, изјави Алаѓозовски.