Здружението на ликовни критичари АИКА Македонија му ја додели наградата „Ладислав Баришиќ“ за 2019 година од областа на ликовната критика на Владимир Јанчевски. Тој е награден за неговиот предлог истражувачки проект „Политички слики после смртта на уметноста: Фотомонтажните интервенции како релевантна политичка акција и нивната дисеминација во медиосферата“.
По повеќе доставени предлози, одлуката ја донесе комисија на Здружението, во состав: Мира Гаќина (историчар на уметноста и куратор), Славчо Димитров (теоретичар на културата) и Бојана Јанева-Шемова (историчар на уметноста и куратор).
Целта на наградата „Ладислав Баришиќ“ е да понуди можност за промислување на третманот и позициите на ликовната критика денес и на критичкото пишување за појавите и тенденциите во современите визуелни уметности и теоријата на уметноста.
Владимир Јанчевски (1984, Скопје) е самостоен истражувач кој живее и работи во Скопје. Паралелно работи во областа на современата уметност и визуелните студии. Негов предмет на интерес се проблемите и предизвиците на интердисциплинарното истражување, границите и вкрстувањето на уметничката практика и теоријата на сликите, потоа ангажираната уметност, интервенции во јавен простор и социополитички феномени, како и современите форми на цензура и иконокластички акти.
Јанчевски дипломирал на Институтот за историја на уметноста на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, каде што паралелно со постдипломските студии работел како демонстратор по предметите Современа уметност и Современа македонска уметност. Имал повеќе самостојни и групни изложби.
Доделувањето на наградата „Ладислав Баришиќ“ е финансиски овозможено со поддршка од Министерството за култура и со донација на семејството Баришиќ.