Во Ликовниот салон во Велес синоќа беше отворена изложбата на академскиот сликар Љупчо Бојаров.
На изложбата, која е во организација на Народниот музеј, се претставија 40-тина дела изработени во различни техники: масло на платно, цртежи, линорез во боја, дрворез, графика и објекти, со различните жанрови и мотиви, кои авторот ги изработил во периодот од 1985 до 2019 година.
Изложбата ја отвори Елица Николова, историчар на уметноста од Народниот музеј истакна дека делата кои се од различни техники и бројни негови циклуси не се судираат, туку суптилно се допираат со својата семантичка суштина, со префинетото вклучување на симболите во делата, создавајќи атмосфера на тивка просветлена екстатичност со доза на поетика и лиризам.
– Во делата во прв план го согледуваме суштинското познавање на авторот на старите цивилизации и нивните симболи, кои ги сублимира во сопствени знаковни системи и нивни кодови, вкомпонирани во метафизичките пејсажи, во безвременски простор полн со мистичност. Делата се колористички хармонизирани со нежни лирски колористички градации на сината и зелената боја испресечени од понекогаш вознемирени преплети, вткаени во некој ритам и динамика на линии со стрелки, брановидни и спирални линии, триаголник и квадрат. Во космичка димензија на асоцијативните водени површини од каде и потекнува животот, со деликатни сликарски поробусни облици, со елементи на структурни супстрати и нивна конверзија на системот на симболи во надреална, постмодернистичка конструкција на делата, полни со некоја дискретна тајна, спокој и возбуда, појасни Николова.
Таа потенцира дека во делата на Бојаров најчесто користен симбол е засведената небесна врата, влезот кон небесната светлина, која го симболизира влезот и самото небеско рајско царство, на чии камени зидови се насликани скриени симболи на религиската и космичката сфера, кои ја рефлектираат најраната христијанската традиција преку најстарите христијански кодови.