Ми изгледаше многу важно да покажам и за Русија, а и за другите земји, колку може да биде опасно експериментирањето со демократијата и колку лесно прикривајќи се со демократски идеали може да се расипе самата идеја за демократијата, рече режисерот Витали Мански за мотивот заради кој го снимил политичкиот документарец „Путиновите сведоци“, кој македонската публика ќе има можност да го види на 7 октомври од 20 часот во Кинотека, во рамки на фестивалот за дебитантски филм „Киненова“.

Филмот, кој го следи подемот на Путин – од поранешен агент на КГБ, до еден од најмоќните лидери во светот и лани беше прогласен за најдобар документарец на фестивалот во Карлови Вари. Мански му бил поранешен соработник на Путин и како што рече бил сведок и учесник на „операцијата „наследник’“ за назначување на Путин за претседател на Русија и, како што рече, сметал дека е битно да ја прикаже таа приказна во нејзиното вистинско светло.

– Овој филм беше прикажан во повеќе од 50 земји и доби многу награди, но никогаш не беше прикажан во Русија. Јас сум руски режисер, но пет години сум и летонски зашто се преселив во Летонија. Во некоја рака тоа е поврзано со филмовите што ги снимам, посебно со филмот за претседателот Путин, рече на прес-конференција Мански, кој попладнево пристигна во Скопје за да претседава со жирито на официјалната програма на „Киненова“.

По проекцијата на „Путиновите сведоци“ в понеелник во Кинотека, Мански ќе биде достапен за прашања од публиката. На средбата со новинарите попладнево рече дека цензура во Русија не се прогласува зашто таа постои одвнатре, ТВ-каналите ѝ припаѓаат на државата, а за секое јавно прикажување филм, дури и во кафуле на ѕид, е потребна државна лиценца или пасош за филмот. Немањето лиценца се казнува парично, а потоа и со одземање на сопственоста на локалот каде што се прикажал филмот и тоа, како што нагласи режисерот, важи и за домашни и за странски филмови, како и за филмските фестивали.

– Јас сум претседател на АртДок фест, еден од најголемите фестивали во Русија. Ние на суд имаме изгубено 21 случај за прикажување филмови без таква лиценца и на државата и имаме исплатено преголеми суми. Лани имавме каталог со 120 филмови, а од нив во Русија успеавме да прикажеме само 54. За останатите испадна дека не може да бидат прикажани поради цензура. „Путиновите сведоци“ беше специјален филм за затворање на фестивалот, но беше прикажен на интернетската платформа на фестивалот. Продадовме 3.000 карти за прегледот и тогаш филмот беше украден од пиратите и за две недели пиратски беше прегледан од седум милиони гледачи, рече режисерот.

Претходно Мански го сними и контраверзниот документарен филм за Северна Кореја – „Под сонцето“. Престојувал во таа држава по повод Денот на сјајната ѕвезда – кога се слави роденденот на поранешниот севернокорејски лидер Ким Џонг-Ил. Филмот е за едно семејство во Пјонгјанг и нивното исчекување на роденденот на лидерот. Мански го снимал по строго контролирано сценарио, но не ја исклучувал камерата секогаш кога тоа се барало од него. Поради сето тоа, 56-годишниот руски режисер од 2015 година со сопругата избрал да живее во егзил во Летонија, изјавувајќи дека по вакви „слободоумни остварувања“ се плашат за својата сигурност.

Задача на Мански на годинашниот „Киненова“ е како претседател на жирито, заедно со двајцата членови – Ана Хофман од Германија и Јесим Устаоглу од Турција, да одлучи за најдобрите во натпреварувачката програма во која се селектирани седум филма.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/10/2019 18:29