Трката од Формула 1 шампионатот што в недела треба да се вози на патеката Сузика, за големата награда на Јапонија, на тимот на Мерцедес може да му ја донесе шестата титула едноподруго во конкуренција на конструктори.
Германскиот тим е супериорен во однос на ривалите, дури и на трките на кои се фаворизираат Ферари и Ред Бул, Мерцедес ја „крадеше“ победата, па сега имаат предност од 162 поени пред вториот Ферари. После трката во Јапонија, ќе останат само 176 поени во игра.
Ова значи дека ако Луис Хамилтон и Валтери Ботас освојат 14 поени повеќе од Шарл Леклер и Себастијан Фетел, Мерцедес веќе в недела ќе го отвори шампионското шампанско. Ваква доминација на еден Ф1 тим е видена само во периодот од 1999 до 2004, кога Ферари без прекин ја прославуваше конструкторската титула. Хамилтон не може да обезбеди титула уште в недела, но теоретски може на трката после јапонската, а таа е две недели подоцна во Мексико.