Осумнаесет национални федерации од олимписки спортови, голем број федерации од неолимписки спортови, како и олимпијци, врвни спортисти и спортски работници ја поддржуваат иницијативата за одржување Вонредно собрание за уредување на односите во Македонскиот олимписки комитет.

Соопштението на иницијативниот одбор го пренесуваме во целост:

Инцијативниот одбор за уредување на односите во Македонскиот олимписки комитет, во изминативе денови имаше средби со челниците на Македонскиот олимписки комитет во насока на уредување на односите и состојбите во олимпискиот спорт во Република Северна Македонија, во кои се наталожиле и го запираат развојот на спортот во изминативе дваесетина години. За жал Инцијативниот одбор наиде на неприфаќање и игнорантски однос, поради што нема и конкретни резултати и подготвеност за соработка.

Затоа, Инцијативниот одбор за уредување на односите во Македонскиот олимписки комитет, за инцијативата го запозна Меѓународниот Олимиски Комитет, Владата на Република Северна Македонија и Агенцијата за млади и спорт и побара од Македонскиот олипмиски комитет, согласно Олимписката повелба, законот и Уставот на Република Северна Македонија, да закаже Вонредно легитимно Собрание на Македонскиот олимписки комитет, со барање мнозинството на Собранието на Македонскиот олимписки комитет да биде составено од федерациите од олимписките спортови.

Во прилог на Соопштението, ја доставуваме и Инцијативата и барањето за Вонредно легитимно Собрание на Македонскиот Олимиски Комитет, побарано и поддржано од: Боксерската, Атлетската, Боречката, Спортско Стрелачката, Карате, Бадминтон, Кајакарската, Пинг-понгарската, Шаховската, Велосипедската, Мечувалечката, Коњичката, Едриличарската, Триатлонската, Скијачката, Одбојкарската, Хокеарската и Спортско качувачката федерација, со определба спортот во Македонскиот олимписки комитет да го водат и креираат спортистите и спортските работници.

Инцијативата е поддржана и од голем број на национални спортски федерации од неолимписките спортови, олимпијци, врвни спортисти и спортски работници, стои во соопштението до македонската јавност.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/10/2019 10:45