Водечката европска мрежа на универзитети за културни политики и менаџмент во култура ЕНЦАТЦ и ја додели наградата за истражување во полето на културна политика и културен менаџмент за 2019 година на д-р Биљана Тануровска Ќулавковски.

Наградата на Тануровска Ќулавковски и е доделена за нејзината докторска теза „Теорија на институции и културни политики за современи изведувачки практики“ на Факултетот за драмски уметности при Универзитетот за уметности во Белград.

Во одлуката за доделување на наградата се наведува дека нејзиното истражување е „најиновативно и од огромно значење за едукацијата во полето на културната политика и културниот менаџмент“ и ќе може да се спроведува низ универзитетите ширум светот, но и во кураторските и управувачките практики во уметноста и културата.

Меѓународното жири што го одреди добитникот на Наградата за истражување за 2019 година се состоеше од Франческа Империјале од Италија, Хаиме Алберто Руиз Гутиерз од Колумбија, Елоди Борда Шовен од Франција, Анита Кангас од Финска, Џери Лиу од Тајван, Ричард Малони од САД и Алан Салзенстин од САД.

Заблагодарувајќи се наградата Тануровска Ќулавковски изрази посебна благодарност до својата менторка Милена Драгичевиќ Шешиќ и до Министерството за култура на Република Македонија.

Наградата на ЕНЦАТЦ се доделува од 2014 година со цел стимулирање на академски истражувања од областа на културната политика и менаџментот, за да се истражуваат современите теми и евентуално да се предвидат нови ориентации за културни политики преку компаративно и меѓукултурно истражување. Покрај тоа, таа придонесува во процесот на создавање инфраструктура, мрежа на истражувачи кои прават компаративни истражувачки проекти во областа на културната политика и менаџментот. Наградата е поддржана од програмата Креативна Европа на Европската унија.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/10/2019 13:24