Во Скопје во тек е ИТТФ челенџ турнир во пинг понг за кадети и јуниори. По тој повод, Агенцијата за млади и спорт организираше прес конференција на која свои излагања имаа директорот на АМС Дарко Каевски, претседателот на Пинг Понг федерацијата Горан Тиловски, како и претседателот на светската пинг-понг федерација Томас Вајкарт.

– По одржувањето на Балканското првенство во Скопје во текот на јуни со рекорден број држави учесници, 12, Скопје и Пинг Понг федерацијата на Северна Македонија се домаќини на првиот турнир под покровителство на ИTТФ, Отвореното првенство на Северна Македонија за јуниори и кадети. Одржување на настани од ваков ранг укажува на податокот за зголемениот интерес за пинг понг во државава, но и за успешност во работата и менаџирањето во Пинг Понг федерацијата, изјави Каевски.

Претседателот Томас Вајкарт (ИТТФ) изрази огромна благодарност првенствено за гостопримливоста на домаќините, чија држава ја посетува прв пат и е позитивно изненаден од организацијата, бројот на земји учеснички, но и од поддршката која државата ја дава на Пинг Понг федерацијата во организација на настани од училишен спорт, па се до сениорски натпреварувања.

– Земјите од Балканот имаат огромна традиција за пинг понг, а моите очекувања се да ја посетам вашата земја и идната година, кога водени од позитивните реакции на ИИТФ за успешните реализации на манифестациите годинава, ќе можете да се изборите за нови натпреварувања од уште повисок ранг, изјави Вајкарт.

Пинг Понг федерацијата обезбеди четири директни линкови преку кои љубителите на пинг понгот преку каналот во живо (You tube) ќе можат да ги следат натпреварите од турнирот.

– Над 100 учесници и 50 официјални лица од повеќе од 20 земји од светот (Шведска, Индија, Норвешка, Шпанија, Италија, Словачка, Чешка, Хрватска, Перу, Србија, Бугарија …) се пристигнати во Скопје и се борат за титулите на овој турнир, а доаѓањето на високи официјални лица од Светската и Европската пинг понг федерација треба да обезбеди дополнителен мотив за развој на овој спорт во државава, изјави пртетседателот на Пинг Понг федерацијата на РСМ Горан Тиловски.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/10/2019 14:36