Поставениот под број 6 во шемата, Степанос Циципас (Грција) стави крај на учеството на светскиот тенисер бр.1, Новак Ѓоковиќ, на годинашното издание на „Мастерс“ турнирот во Шангај.
Дваесет и едно годишниот тенисер го совлада четирикратниот шампион и бранител на титулата од минатата година во кинескиот град со 3:6, 7:5, 6:3 во четвртфиналето.
Во полуфиналето, Циципас ќе игра со третиот носител на турнирот, Даниел Медведев (Русија). На финалистот на „Ју Ес Опен“ му требаа два сета против италијанецот Фабио Фонини (бр.10) – 6: 3, 7: 6 (4).
Непосредно пред победата на Циципас против Ѓоковиќ, стана јасно дека грчкиот тенисер се квалификувал за финалето на АТП во Лондон во ноември.