Иницијативниот одбор за уредување на односите во Македонскиот олимписки комитет, на денешната прес конференција го повика претседателот Васил Тупурковски да свика Вонредно собрание на кое ќе се разгледуваат барањата за промени во функционирање на организацијата.

– Имам сериозна задача во име на Иницијативниот одбор да ја информирам јавноста за нашите барања. Според олимписката повелба, во Собранието на МОК, мнозинството гласови треба да биде од националните федерации од олимписките спортови. Така е целото олимписко движење во светот. На 27 септември, ИО поведе иницијатива за одржување легитимно вонредно собрание на МОК, согласно одредбите од Олимписката повелба, Законот за здруженија и фондации и Законот за спорт. Затоа го замоливме претседателот на МОК да закаже легитимно Вонредно собрание на МОК во рок од 30 дена. Доколку тоа не се случи, ние ќе ги искористиме сите можни механизми кои во текот на октомври да се закаже и одржи легитимно Собрание на МОК, рече претседателката на Атлетската федерација на Македонија, Александра Војнеска.

Иницијативниот одбор покрај поддршката од спортски федерации на олимписки спортови, има поддршка и од федерации на неолимписки спортови, спортисти и спортски работници, додаде Војнеска.

Рокот за закажување на Вонредно собрание кој ИО му го даде на МОК истекува на крајот на оваа недела. Засега нема најава од МОК дека позитивно ќе одговорат на иницијативата.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/10/2019 13:49