Прилепскиот клуб за екстремни спортови „Скај рајдерс“ е организатор на суперфиналето од Европскиот куп во параглајдинг за оваа година кое ќе се одржува денеска и утре на полетувалиштето на Мечкин Камен, Крушево, а параглајдеристите кои се сместени во Прилеп ќе слетуваат во близина на селото Алданци.

Суперфиналето кое е под покровителство на општина Прилеп, е воедно и последниот од шесте натпревари кои се одржуваат во текот на една натпреварувачка сезона.

На Суперфиналето учествуваат педесетина натпреварувачи од 13 земји, и тоа од нашата земја, Русија, Латвија, Словенија, Србија, Романија, Косово, Албанија, Бугарија, Кипар, Чешка, Велика Британија и Холандија.

Според организаторот, станува збор за исклучително квалитетно натпреварување, меѓу учесниците се светскиот и европскиот првак во прецизно слетување, како и словенечкиот пилот Антон Свољшак, кој сѐ уште го држи рекордот со четири последователни резултати „нула“.

Пред да ги почнат натпреварите, претпладнево ги поздрави и им посака убаво и натпреварување со врвни резултати, прилепскиот градоначалник Илија Јованоски, нагласувајќи дека прилепските параглајдеристи имаат постигнато големи резултати на домашни, европски и светски натпреварувања во параглајдерство.

-Како град се гордееме со постигнатите резултати на нашите клубови и параглајдеристи, бидејќи неколкумина од нив се наоѓаат во самиот врв на светската ранг-листа. На сите ви посакувам пријатен престој во нашиот град, убави временски услови за натпревар, пријатен лет и безбедно слетување на целта, рече Јованоски.

По завршувањето на денешните и на утрешните натпреварувања, на најдобрите ќе им бидат доделени признанијата и трофеите во прилепскиот хотел „Атлас“.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/10/2019 13:11