Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски, денеска ги прими македонските репрезентативци кои од Светското првенство за кадети, јуниори и постари јуниори во Чиле, се вратија со бронзен медал.

– Честитки за освојувачот на бронзениот медал и одличниот настап на сите натпреварувачи и да нагласам дека вие сте спортистите од кои се очекуваат одличја и во сениорска категорија на следните меѓународни натпреварувања. Напорната работа, професионалноста во извршувањето и поддршката на федерацијата во делот на организација и реализирање на сите активности на каратистите, е рецепт за успех. Само со таков пристап на една Национална федерација кон своите членови е можен напредок и остварување на врвни спортски резултати, изјави Каевски.

Медалот го освои Бојан Костов во категоријaта -52кг, а значаен резултат се и двете петти места, на Ангела Мојсовска и младиот Александар Неделковски (во кати).

Селекторите во кати и борби изразија огромна благодарност за безрезервната поддршка која Агенцијата за млади и спорт ја насочува токму кон каратето, од каде се очекуваат најголемите спортски остварувања.

На светското првенство со титула светски судија во Кумите се здоби македонскиот карате судија Валентина Пурдеска.



Автор: Администратор
Објавено на: 31/10/2019 15:07