Сателитскиот пилот на Јамаха, Фабио Куартараро заврши на првата позиција во квалификациите на ГП на Малезија за МотоГП. 20-годишниот талент постави нов рекорд на патеката во „Сепанг“ со време од 1: 58.303 мин, достигнување што можеше да биде поимпресивно доколку не направи мала грешка на последниот свиок, што го чинеше околу две десетинки. За младиот пилот кој дебитира во кралската класа оваа сезона, ова е петта пол-позиција.

Маверик Вињалес на Јамаха, кој беше многу силен во последниот, четвртиот сектор на пистата, ќе стартува од втората позиција и ќе бара победа во недела. Топ 3 ги надополни тимскиот колега на Куартараро, Франко Морбидели, со кој Јамаха го окупира првиот стартен ред.

Четврти ќе тргне Џек Милер со Дукати, по што следат Кал Кручлоу со сателитската Хонда и Валентино Роси со последната Јамаха. Алекс Ринс со Сузуки се најде на седмото место, по што следат Данило Петручи со Дукати, Јоан Жарко со сателитската Хонда и Андреа Довициозо со вториот Дукати.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/11/2019 12:19