Натпреварувачот во Бенч-прес, Бошко Стаменковски од македонска Каменица повторно му донесе нов успех на македонскиот спорт, откако на вчерашниот натпревар „Елемир – Војводина Опен” го освои првото место и златниот медал за натпреварувачи до 75 килограми. Како што информираше Стаменковски, тој беше најдобар и во вкупна конкуренција на ова првенство.

-На натпреварот учествуваа најдобрите натпреварувачи од неколку балкански земји, а освен златниот медал во Бенч-прес за натпреварувачи до 75 килограми, бев прогласен и за најдобар ветеран за што добив диплома од страна на организаторот, изјави Стаменковски.

Добрата форма, како што додава, ќе ја искористи во наредниот период да учествува уште на неколку балкански куп натпревари.

-До крајот на годината преостануваат уште неколку првенства во Бенч-прес во соседството на кои планирам да учествувам, со што ќе ја заокружам оваа би рекол успешна година, додава каменичкиот спортист.

Кога е Бошко Стаменковски во прашање, тој неодамна стана Светски рекордер во правење склекови, откако во рок од 1 час успеа да направи 2525 склека, што е нов Светски рекорд со кој повторно се позиционираше на пиедесталот во елитната спортска историја.



Автор: Администратор
Објавено на: 03/11/2019 12:19