Украина најави дека ќе го одложи новото повлекување од линијата на судири со проруските сепаратисти во Доњецк заради прекршување на примирјето.
Тоа е еден од последните услови за оддржување на важниот мировен самит со Москва, пренесува Индекс.хр.
-Повлекувањето требаше да почне денеска, на 4 ноември, но присилени сме да го одложиме заради непочитување на седумдневното примирје, изјави шефот на украинската дипломатија Вадим Пристајко.
Ова повлекување претставува „последен предуслов за организирање на состанокот на врвот на четирите земји“, прецизираше Пристајко.
Истовремено, повклекувањето на украинските и сепаратистичките сили во три мали сектори од линијата на судирот на истокот од Украина е клучен услов што Кремљ го одреди за оддржување на состанокот на врвот на нормандискиот формат во ноември во Париз меѓу претседателите на Украина, Русија, Германија и Франција.
По повлекувањето од првиот сектор, што се случи летово, завојуваните страни минатата недела ја почнаа истата процедура во втората зона, во близина на местото Золоте, кај Луганск. Под критика на медиумите украинската војска призна дека операцијата почнала без остварување на целосно договореното седумдневно примирје.
Денеска се очекуваше третата и последна етапа во близина на селото Петривска, во подрачјето на Доњецк, но набљудувачите од Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) утврдиле дека на 30 октомври имало „прекршување на примирјето внатре во зоната на повлекување, во подрачјето на Петривска“.