Уште една одлична игра и нова висока победа на Алкалоид! Во шестото коло совладан е Чешкиот првак “Sk Joly Lysa nad Labem” со резултат 5:1.

Победничката серија со одлична игра, ја отвори Инаркиев на четвртата табла, следеше реми на Шанкланд, и веднаш по него уште една на Ковалев (петта победа од шест партии и само едно реми). Во меѓувреме на првите две табли шахистите на Алкалоид постигнаа решавачка предност во позициите, па со победа ја заврши својата партија и Андреикин. На петтата табла Криворучко се согласи на реми во моменти кога победникот во мечот веќе беше решен. Мамедјаров во отворањето жртвуваше два пешака за иницијатива и до крајот на партијата не му остави на противникот никаква шанса за изедначување на позицијата. На крајот ефектно ја заврши партијата, победувајќи го поранешниот светски првак Пономарјов.

После шестото коло, во водство е екипата “Obiettivo Risarcimento” Падова, Италија со максимални 12 меч бодови. Ја следат „Алкалоид“, “Moscow Chess Team” од Русија, “Ave Novy Bor” од Чешка и „Primorsky District“ од Русија, сите по 10 бода; „Medny Vsadnik” е шести со 9 бода. Во последното, решавачко коло овие шест екипи во меѓусебните борби ќе го решаваат победникот на Купот и распоредот на медалите. Ова се паровите од последното, седмо коло:

“Obiettivo Risarcimento” – „Алкалоид“ “Ave Novy Bor” - “Moscow Chess Team” „Primorsky District“ – „Medny Vsadnik”



Автор: Администратор
Објавено на: 16/11/2019 13:07