И покрај тоа што празникот Ден на благодарноста се слави само во САД, луѓето во поголем број земји последниот петок од месец ноември исто како и Американците се препуштаат на манијата на купување позната како Црн петок.

Феноменот на Црн петок се прошири низ светот со таков интензитет што наиде и на негодување од дел од активистите, политичарите, па дури и од потрошувачите.

Францускиот законодавен одбор на 25 ноември усвои амандман со кој се предлага целосна забрана на Црн петок, бидејќи предизвикува загуба на ресурсите и прекумерна потрошувачка. Во близина на Париз, борците против климатските промени ги блокираа трговските центри, а и протестираа пред седиштето на компанијата Амазон поради прекумерното производство кое ја убива планетата.

Вработените во Амазон во Германија вчера штрајкуваа за поголеми плати.

За голем број активисти Црн петок е комерцијален настан што е осмислен со цел да ја поттикне продажбата во САД пред божикните празници односно симбол на капитализмот.

Во Велика Британија, каде големите распродажби традиционално се одвиваат еден ден по Божик, компаниите ја усвоија маркетиншката кампања Црн петок во 2010 година.

Истражувањето на Американското здружение на потрошувачи покажало дека 61 отсто од артиклите кои се рекламираат на Црн петок минатата година биле поевтини или приближно иста цена.

На телевизиските снимки од Јужна Африка се гледа како луѓето чекаат во ред за купување во една од најсоцијалните и економски нееднаквите земји во светот.

Црн петок се прилагоди и на културните норми во муслиманскиот свет. Па, така во Египет се организираат големи распродажби во последниот петок од ноември, но под друго име. Петок е свет ден за муслиманите, па затоа трговците го преименуваа денот во Бел или Жолт петок.

И во Северна Македонија вчера во голем број продавници имаше намалување на цените и гужви по продавниците.

Иницирано од комерцијалниот настан Црн петок и во знак на протест поради конзумеризмот во над 65 земји, но со многу помал интензитет се одбележува Меѓународниот ден на некупување.

Денот на некупување е инициран од канадскиот уметник Тед Дејв во септември 1992 година во Ванкувер. Наскоро иницијативата на Дејв почна да се појавува во различни кампањи во САД, Велика Британија, Израел, Австрија, Германија, Нов Зеланд, Јапонија, Холандија, Франција и Норвешка.

Но, исто така, Денот на некупување се одбележува во Северна Америка, Велика Британија, Финска и Шведска по Денот на благодарноста во САД, во истовремено со Црниот петок, додека на други места се одржува следниот ден односно последна сабота во ноември.

Компанијата „Адбастерс“ задолжена за промоција на идејата на Дејв истакнува дека одбележувањето на Денот на некупување „не е само за промена на вашите навики за еден ден туку за започнување траен животен стил на помалку трошење и произведување на помалку отпад“.

Различни собири и форми на протест се користат на Денот на некупување со цел да се привлече вниманието на проблемот со прекумерна потрошувачка. На пример, сечење со ножици на кредитните картички пред трговските центри. Тоа најчесто се прави во земјите каде Денот на некупување се одбележува во ист ден како и Црн петок.

Од 2009 година Денот на некупување дел од учесниците го одбележуваат така што не само ништо не купуваат туку ги исклучуваат и телевизорите, мобилните телефони, компјутерети, не возат автомобил, со цел да ја потенцираат важноста на природата.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/11/2019 14:26