Грчката делегација предводена од заменикот министер за животна средина и енергија, Димитрис Иконому, во знак на протест ја напушти церемонијата за отворање на гасоводот ТАПАП во турскиот град Ипсала поради изјавите на претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган околу договорот со Либија, јави дописничката на МИА од Атина.
Од Министерството за надворешни работи на Грција излегоа со соопштение во кое ги осудуваат изјавите и велат дека заминувањето на министерот било „природна последица и практична осуда на изјавите“.
-Жално е што турскиот претседател избра да претвори проект за мирна соработка во шоу на воена реторика и презир на меѓународниот легитимитет, велат од грчкото МНР.
Додаваат дека континуираните прекршувања од страна на Турција, некогаш во вид на закани, некогаш со практични прекршувања на меѓународното право, „ги поткопува стабилноста и интересите на сите народи во поширокиот регион“.
Според грчката новинска агенција АНА-МПА, Ердоган во обраќањето на свечената манифестација рекол дека договорот на Турција со Либија ќе помине од парламентот и ќе се спроведе и додал дека „некои сега ѝ се закануваат на Либија“, алудирајќи на Грција.
Заменикот министер за животна средина и енергија, Димитрис Иконому, за грчката телевизија „Скај“ рече дека за напуштањето на манифестацијата постоела одлука од претходно, доколку „Ердоган ги премине границите“.