Парламентот на Ирак денеска ја прифати оставката на владата на Адил Абдул-Махди, а претседателот на Парламентот изјави дека ќе побара од шефот на државата да именува нов премиер.

Ирачкиот премиер својата оставка ја најави во петокот, еден ден откако за време на антивладините протести во Багдад и јужен Ирак беа убиени повеќе од 40 демонстранти и набргу откако ирачкиот шиитски верски лидер ајатолахот Али ал-Систани предупреди на можноста од граѓанска војна и ги повика пратениците да ја повлечат поддршката за Владата.

Вчера беа убиени уште тројца демонстранти, а најмалку 58 беа повредени.

Најмалку 400 демонстранти се убиени од 1 октомври, кога илјадници Ирачани излегоа на улиците на Багдад и претежно шиитските јужни провинции протестирајќи против корупцијата, лошите јавни услуги и недостигот на работни места. Безбедносните сили користеа муниција, солзавец и димни бомби за да ги ратераат демонстрантите.

Демонстрантите бараат обнова на политичкиот систем, што го воспоставија САД по падот на Садам Хусеин во 2003 година и сега е под влијание на Иран. Исто така бараат смена на политичарите обвинети за корупција. м



Автор: Администратор
Објавено на: 01/12/2019 15:11