Ферари официјално призна дека преговарале со Луис Хамилтон за негов трансфер во тимот во 2021 година.

Во последните неколку недели се шпекулира дека Британецот се сретнал со претседателот Џон Елкан, а самиот шесткратен светски шампион во Формула 1 не го демантираше ова по неговата победа во Абу Даби.

– Веќе стана јасно дека Луис разговарал со нашиот претседател и ние сме поласкани што не само тој, туку и други пилоти, исто така, сакаат да дојдат кај нас. Секој што е на стартната линија сака да биде дел од Ферари. Нашиот договор со Леклер е за неколку сезони, додека договорот на Себастијан Фетел истекува на крајот на 2020 година. Сепак, во оваа фаза, рано е да решаваме за иднината. Ние внимателно ќе ги одмериме нашите опции и ќе донесеме најдобра одлука за тимот, рече извршниот директор Луис Камилери.

До денес, Хамилтон е дел од Мерцедес веќе 7 години, освојувајќи 5 од своите титули во „сребрената стрела“. Неговиот договор, вреден 40 милиони фунти по сезона, истекува на крајот на следната година.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/12/2019 21:19