Едноминутен молк, многу солзи и тага и громогласен аплауз. Вака почна, се одвиваше и заврши Комеморативната седница во чест на македонската кошаркарска легенда Благоја Георгиевски-Буштур. Миленикот на скопската публика од 70-те години на минатиот век и почитуван спортски работник по завршување на играчката кариера го загуби животот во трагичната сообраќајна несреќа во средата во скопска Кисела Вода.
Настанот се одржа во „Платинум“ салата на хотел „Хилтон“ која беше претесна да ги прими сите кои сакаa да изразат почит кон ликот и делото на кошаркарскиот виртуоз, легенда на КК Работнички и репрезентативец на поранешна Југославија.
Голем број на сегашни и поранешни кошаркари, пријатели и другари на Буштур се појавија на говорницата за збор и изразување на сочувство до најблиските. Меѓу нив и екс-репрезентативецот Тодор Гечевски, скопскиот градоначалник, Петре Шилегов, првиот човек на Македонскиот олимписки комитет, Васил Тупурковски, итн.
Благоја Георгиевски е роден на 15. октомври во 1950 година во Скопје. Најголем дел од својата играчка кариера ја помина во Работнички, клуб со кој се натпреваруваше во Првата југословенска кошаркарска лија. Во сезоната 1975/76, популарниот Буштур, заедно со Работнички, стигна до полуфиналето на Купот на победниците на Куповите.
Беше и член на младинската репрезентација на Југославија. А со таа селекција, предводена од Лазар Лечиќ, ја освои Балканијадата во Риека во 1970 година. Настапи и на младинското Европско првенство во Атина каде националниот тим на поранешната држава го освои четвртото место.
Во 1971 година заигра и за југословенската сениорска репрезентација на ЕП во Западна Германија од каде се врати со сребро. Наредната година учествуваше и на Летните Олимписки Игри во Минхен, а четири години подоцна и Монтреал.
Како составен дел на популарните „сини“, Буштур стигна до олимпиското сребро, што е најголемиот резултат на еден македонски кошаркар во историјата на овој спорт.
По осамостојувањето на државата, Георгиевски работеше и како тренер, беше селектор на репрезентацијата и прв генерален секретар на Македонската кошаркарска федерација.
Беше член на Управниот Одбор и на Собранието на Македонскиот Олимписки комитет, претседател на Олимпискиот Совет при МОК, а беше и потпретседател на највисоката спортска институција во нашата земја.