Ростерот на МЗТ Скопје ќе претрпи измени во наредниот период, особено во делот на странските кошаркари. Тоа го потврди Тони Грнчаров, извршен директор на клубот од СЦ „Јане Сандански“ во пресрет на тринеделната пауза во домашното првенство поради репрезентативни настапи во квалификациите за ЕП 2021.

-Резултатски не може да бидеме незадоволни од досега направеното, но нормално е секогаш да се цели кон нешто уште подобро. Во сезоната влеговме со амбиции за оасвојување на двојната круна во домашната сцена и најмалку пласман во плејофот во АБА 2 лигата. Сакаме да го дооформиме тимот и не е тајна дека не сме задоволни од ефектот на дел од странските засилувања и во периодот што следува дефинитивно ќе направиме претумбации во тој дел, најави Грнчаров.

Клубот, како што рече, е активен на пазарот во потрагата за поквалитетни дополнувања. Грнчаров признава дека нема премногу време, со оглед дека преодниот рок во АБА лигата завршува в сабота.

-Промени сигурно ќе има, но на кои позиции и наместо кои интернационалци, дополнително ќе биде решено, додаде Грнчаров.

Тимот на МЗТ Скопје во моментот се лидер на табелата во домашното првенство и второпласиран во регионалното натпреварување зад Борац Чачак.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/02/2020 00:04