Кошаркарот на Мајами, Дерик Џонс победи во натпреварот во забивање во Ол стар спектаклот во „Стејплс Центар“. До признанието стигна преку две дополнителни рунди во финалето против Арон Гордон од Орландо од кого на крајот имаше само бод повеќе.

– Ова е одлично, натпреварот беше извонреден и мислам доволно атрактивен“, рече Џонс кој го понесе трофејот како најубав роденденски подарок.

Гордон шест пати беше оценет со 50 поени, а за финалното забивање го искористи 2,26 метри високиот центар на Бостон, Так Фол. Го намести во рекет, се залета и со скок од линијата за слободни фрлања го прескокна и заби во кошот со две раце.

Публиката очекуваше нова 50-ка, но жирито му додека 47 што предизвика негодување од трибините.

Џонс, пак, во финалното забивање тргна од другата страна на теренот и за забивањето со скок од „пенал“ линијата доби 48 со што го обезбеди тој бод повеќе од Гордон за конечна победа.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/02/2020 11:36